Словаците со респект кон Македонија: Тие се фаворити, но и притисокот е кај нив!

Селекцијата на Словачка на дуелите против Македонија ќе биде без долгогодишниот капитен Љубомир Дуриш, а лидерската улога сега ја презема голманот Маријан Жернович.

Чуварот на мрежата признава дека заминувањето на искусниот капитен ќе биде голем предизвик за тимот.

„Ќе биде многу тешко без него, затоа што беше лидер и на теренот и надвор од него. Во многу работи беше вистински пример. Многу научив од него во овие години и се надевам дека ќе успеам тоа искуство да им го пренесам на соиграчите“, изјави Жернович.

Новиот капитен со голем респект зборуваше и за Македонија пред претстојниот бараж.

„Македонија има добар тим и многу играчи од еден клуб, што е огромна предност бидејќи се одлично воиграни. Тие се фаворити во овој бараж, квалитетот е на нивна страна, но со тоа доаѓа и притисокот“, истакна словачкиот голман.

Сепак, Жернович верува дека Словачка може да одигра растоварено и да приреди изненадување.

„Ние можеме да играме порелаксирано, но истовремено мора да бидеме одговорни и да покажеме дека напредуваме и дека нашата игра оди во вистинска насока“, порача голманот на стартот од репрезентативниот собир.

Првиот меч меѓу Словачка и Македонија се игра во Прешов на 14 мај од 19:00 часот, а реваншот е во Скопје на 17 мај исто така од 19:00 часот.