Пет шампионки, пет моќни пораки: Никогаш не е доцна да го следиш својот сон

Во Охрид се одржа првиот Женски ракометен форум, на кој своите лични приказни, искуства и најтешки моменти од кариерата ги споделија Индира Кастратовиќ, Андреа Лекиќ, Лидија Хорват, Сузана Лазовиќ и Драгана Цвијиќ.

Форумот се одржа под мотото „One game. One voice. One future.“, како дел од програмата на „Трофеј Македонија 2026“.

Сузана Лазовиќ се наврати на своите почетоци во спортот и на предрасудите дека постојат спортови наменети само за мажи или само за жени.

„Според приказните на моите родители, уште од моето раѓање можело да се забележи дека ќе бидам спортистка. Никогаш не почувствував осуда дека одреден спорт не е за мене. Тоа можеше да се забележи и според мојот изглед и начинот на кој растев. Прво почнав да тренирам џудо и можеби токму тогаш можеше да се појават првите критики, но не ги почувствував бидејќи и во тој спорт постигнував одредени резултати. Потоа, природно, следуваше ракометот. Што се однесува до мене, лично не почувствував осуда, но сигурно е дека во Црна Гора во тој период постоеја предрасуди и поделби дека еден спорт е за жени, а друг за мажи. Тоа е дел од нашиот менталитет, но ние докажавме дека таквите предрасуди треба да ги има сè помалку. Треба да го следиме својот пат, затоа што нашите жени се посилни од кои било други жени во Европа.“

Лидија Хорват зборуваше за моментот во кој спортистот мора да одлучи дали ќе остане во удобната зона или ќе се обиде да направи нешто повеќе во кариерата.

„Искрено, постои момент кога ќе почувствуваш дека си дошол до одредена стагнација и тогаш мораш да се преиспиташ. Се прашуваш дали си го достигнал највисокото ниво до кое можеш да стигнеш или, сепак, можеш да одиш уште повисоко. Тоа е еден вид пресвртница во кариерата. Мораш да одлучиш дали ќе останеш на тоа ниво и ќе бидеш задоволен со постигнатото или ќе излезеш од удобната зона и ќе го дадеш максимумот за да оствариш уште поголема цел. На крајот, ракометот се игра и за да се освојуваат медали, но и за да им покажеш на помладите генерации дека без работа нема успеси и нема резултати.“

Андреа Лекиќ откри дека најтешкиот момент во нејзината долга кариера била повредата на Ахиловата тетива. Во периодот на закрепнување повторно учела да го запознава сопственото тело, а враќањето на теренот го доживеала како голема лична победа.

„Сметам дека секој спортист, без разлика за кој спорт станува збор, до успехот го водат љубовта и дисциплината. Што се однесува до мене, најтешкиот момент во мојата кариера дефинитивно беше повредата на Ахиловата тетива, тешката операција и уште потешкото закрепнување. Тоа беше период во кој, по осум недели поминати со патерици, помислив дека трчањето е нешто што веќе нема да можам да го правам. За мене тоа се незаборавни денови, но истовремено и денови што ме направија посилна и ме натераа повторно да учам за себе. Беше потребно многу трпение и морав да одам чекор по чекор. По таквата операција дојдов до момент во кој не можев да го контролирам ниту палецот на ногата, а потоа стигнав до денот кога бев најсреќната личност на светот затоа што повторно се вратив на теренот. Нашиот спорт е исполнет со подеми и падови. Затоа секогаш велам дека треба да бидете опкружени со квалитетни луѓе. Кога имате поддршка од семејството и од стручните лица, враќањето на теренот е многу полесно. Не мислам дека човек треба да прави што било сам. Ова е тимски спорт. Најдете луѓе на кои можете да се потпрете и на кои им верувате. Тоа е приоритет и на теренот и надвор од него. Токму тоа рамо ви е најпотребно во тешките моменти. Јас бев многу дисциплинирана во текот на целата кариера и веројатно немаше да траам толку долго доколку не беше така. Секогаш имав јасна цел пред себе, но пред сè, љубовта кон мојот спорт е она што ме водеше уште од најмала возраст.“

Особено емотивна беше приказната на Драгана Цвијиќ, која се потсети на ливчето на кое како девојче ги запишала своите најголеми ракометни соништа. Многу години подоцна повторно го добила истото ливче, откако веќе ги остварила целите што некогаш ги замислувала.

„Не постои само една реченица или само еден совет. Имаше повеќе луѓе и сè зависеше од периодот и моментот во кој се наоѓав. Кога почнав да тренирам ракомет, првите тренери ме учеа на основните чекори и ми дадоа многу совети што ми помогнаа да одам напред. Како што растев, така во мојот живот доаѓаа луѓе, спонтано или намерно, кои ме насочуваа кон патот за кој сонував. Отсекогаш бев отворена и зборував за своите соништа. Се сеќавам на периодот кога бев дел од кадетската репрезентација. Лекарот на репрезентацијата во една пригода ни даде ливчиња на кои требаше да напишеме што сакаме да постигнеме. Тогаш имав 15 или 16 години. На ливчето напишав дека сакам да играм во Лигата на шампионите, да дебитирам за сениорската репрезентација на Србија и да освојам медал. Поминаа многу години. Тој лекар, по игра на случајноста, е од мојот роден град Обреновац. Кога повторно се сретнавме, сè уште го имаше ливчето и ми го даде. Јас целосно бев заборавила на него. Кога повторно го видов, бев многу среќна и горда на себе. Уште на таа возраст веќе имав создадено слика за тоа што навистина го сакам, каде сакам да стигнам и како се гледам себеси во иднина. Многу луѓе ме осудуваа и не ме поддржуваа, но никогаш не се осврнував на тоа. Сето тоа го носев во себе. Истото е и сега, кога сум млад тренер и кога практично само што почнав да работам. Имам своја визија и свесна сум дека многу луѓе ќе ме осудуваат. Кога си тренер, сите те гледаат со поинакви очи и ја чекаат твојата прва грешка. Сепак, сигурна сум дека нема да се откажам. Жал ми е што не можам повторно да го почнам патот како ракометарка, како девојките што денес имаат 20, 21 или 22 години, бидејќи тоа е едно од најубавите искуства што можете да ги доживеете. Борбата, падовите и подемите, како и моментот кога навечер ќе легнете и ќе си кажете: ‘Горда сум на себе и на сè што поминав’. Тоа се најубавите работи. Среќна сум што сега, како тренер, имам можност повторно да градам нешто од почеток, од нула. Пред мене има голем предизвик, но можам да кажам дека навистина сум подготвена. Ќе дадам сè од себе за да го остварам она што сум го замислила.“

Индира Кастратовиќ испрати силна порака до младите ракометарки, но и до нивните родители. Таа истакна дека никогаш не е доцна да се почне со ракометот, а на децата им се потребни поддршка и охрабрување, наместо постојани критики.

„Јас почнав да тренирам подоцна, дури како кадетка, на 16 години. Тоа покажува дека никогаш не е доцна ако нешто навистина го сакате. Потекнувам од Босна и во моето семејство никој не играше ракомет, ниту, пак, некој се занимаваше со спорт. Би сакала во тоа време да имав некого што почесто ќе ме охрабрува, наместо да ме критикува. Денес многу родители ги критикуваат своите деца, а мислам дека тоа не треба да го прават. Ние што сме околу нив треба да им бидеме поддршка. Кога им е најтешко, треба да бидеме тука за да ги подигнеме. Ако паднат, треба да им кажеме: ‘Можеш, најдобра си и можеш да го издржиш ова’. Проблемот кај нас е што сите мислиме дека сме големи стручњаци и дека знаеме сè. Мислам дека децата денес треба да се фокусираат на луѓето што стручно работат со нив, на тренерите и на другите стручни лица.Ние, родителите, треба да бидеме тука за да ги поддржуваме и да бидеме нивната најголема потпора.“

▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
📲.
Со еден клик до сите вести.
🤾