Често се вели дека од поразите се учи најмногу, но Индира Кастратовиќ не крие дека никогаш не сакала да губи.
Легендарната ракометарка на форумот во Охрид порача дека спортот е секојдневен процес во кој лекциите не се добиваат само на натпреварите, туку и на секој тренинг.
„Едноставно, не сакам да губам. Сето тоа е индивидуално. Секако дека од секој пораз може нешто да се научи, но не би сакала да имам многу порази во животот. Не мора толку многу да губам, можам да учам и на друг начин.
Нормално е понекогаш да се соочите со подобра екипа. Некогаш едноставно не е ваш ден, противничките се порасположени или, на крајот, во тој момент се подобри и посилни од вас.
Сепак, мислам дека секој ден во животот може да се научи нешто добро. Не треба да размислуваме само за натпреварите, туку и за тренинзите.
Постојат денови кога ќе дојдете на тренинг и ништо не ви оди. Тогаш треба да размислите што можете да поправите за следниот пат да бидете подобри.
Не станува збор само за еден натпревар. Целиот ракометен процес е пат на кој секојдневно треба да размислуваме, да бараме повеќе од себе и, дури и кога е најтешко, да си кажеме: ‘Можам’.
Ракометниот натпревар се игра 60 минути. Во текот на тие 60 минути понекогаш сте горе, а понекогаш долу. Мора да научите како повторно да се издигнете по падот.
Спортистите добро го знаат тоа, особено оние што во кариерата поминале многу со своите клубови и репрезентации и оствариле големи успеси. Треба само да веруваме во себе и да продолжиме напред.
За стекнувањето искуство, секако, најмногу придонесуваат самите натпревари и ситуациите со кои директно се соочуваме на теренот“, изјави Кастратовиќ.

























