За рамноправноста во спортот и важноста на тимскиот дух на првиот Женски ракометен форум во Охрид зборуваше и Лидија Хорват.
Таа потенцираше дека женскиот ракомет заслужува еднаков третман, а до вистински резултат може да се стигне само кога ракометарките се обединети и функционираат како една целина.
„Многу е важно да се држиме заедно. Ако бидеме само поединки, нема да можеме да напредуваме, а сите знаеме дека ракометот е колективен спорт. За жал, кога ќе погледнеме кон машкиот спорт, ќе видиме дека предноста сè уште најчесто им се дава на мажите. Тоа се однесува на договорите, спонзорите и на многу други работи. Ние, жените, навистина се обидуваме да докажеме дека можеме да бидеме рамноправни. Впрочем, ние и сме рамноправни. Ако реално го погледнеме ракометот, тој се игра на ист начин. Теренот е ист, со димензии 20 на 40 метри, а на него има по седум ракометари или ракометарки. Во тој поглед не постои никаква разлика. Исто трчаме, исто се бориме и исто даваме сè од себе на теренот. На ист начин губиме и на ист начин победуваме. Сепак, најубаво е кога на крајот сте вистинска екипа. Ако не сте екипа и ако функционирате само како поединки, тогаш немате ништо. Нема резултати, нема заедничко славење и нема заеднички солзи. На крајот останувате сами. Никогаш немојте да се издвојувате, бидејќи ракометот е екипен спорт. Само како екипа можете да постигнете нешто и да остварите значаен резултат. А најубавото нешто се гледа кога е најтешко и кога ќе загубите. Во тие моменти нема ништо повредно од тоа покрај себе да имате екипа што ќе ве поддржи“, порача Хорват.
▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон 📲.
Со еден клик до сите вести. 🤾


























