Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер загуби на гостувањето кај Спортинг Лисабон со 30-24, иако четириесетина минути играше егал натпревар. На оваа лоша вест, се придодаде уште и онаа од Париз, каде што триумфираше Висла Плоцк, која сега има ист број бодови со битолчани, но подобар меѓусебен скор и се наоѓа на шестата позиција на табелата.
Но шансите на битолчани за место во ТОП 12, односно во осминафиналето на елитната конкуренција се уште постојат и не се загубени.
До крајот на групната фаза има уште три кола. Еурофарм Пелистер го очекуваат уште три средби – две домашни против Динамо Букурешт и ПСЖ на 20 февруари, односно 6 март, како и едно гостување на 27 февруари кај Фуксе Берлин.
Висла Плоцк ќе игра дома против Фуксе Берлин и Спортинг Лисабон, а ќе му гостува на Динамо Букурешт. Треба да се одбележи дека во последното 14 коло, полскиот и македонскиот првак ќе ги играат натпреварите против Спортинг и ПСЖ ќе ги играат во ист термин – 20:45 часот.
Битолчани мора да го победат Динамо Букурешт во следното коло, да бидат чекор пред полскиот првак, но и да се надеваат дека до крајот на групната фаза Висла Плоцк ќе загуби што повеќе натпревари.
Исто така важен факт е што меѓу средбите со Динамо Букурешт и Фуксе Берлин, Еурофарм Пелистер ќе го игра дербито од Супер лигата на домашен терен против тимот на Кирил Лазаров, а ниту на Висла Плоцк нема да и биде лесно бидејќи меѓу средбите од 13 и 14 коло во ЛШ, на 1 март ќе му гостува на големиот ривал Келце.
Лига на шампиони, група А:
Еурофарм Пелистер: Динамо Букурешт (дома, 20 февруари, 20:45), Фуксе Берлин (гости, 27 февруари, 20:45), ПСЖ (дома, 6 март, 20:45)
Висла Плоцк: Фуксе Берлин (дома, 20 февруари, 18:45), Динамо Букурешт (гости, 26 февруари, 18:45), Спортинг Лисабон (дома, 6 март, 20:45)