ШОК за Веспрем: Магдебург во последната секунда го расплака унгарскиот гигант и оди на Ф4!

По Фуксе Берлин и Нант, третиот учесник на завршниот турнир во Лигата на шампионите ќе биде германскиот Магдебург.

Бундеслигашот славеше на гостувањето на жешкиот терен во Веспрем со 28-27, со голот на Кристјансон за голема радост, откако првиот меч заврши реми, 26-26.

Избраниците на Чави Пасквал водеа во првиот дел со четири гола, но дозволија Магдебург да се врати, во второто полувреме беше ист случај.

По 26-22 за Веспрем, десет минути домашните не дадоа гол, сите грешки нивни беа казнети, а во последните петнаесетина секунди беше реми, 27-27.

Германскиот тим трпеливо организираше напад и Кристјансон ги расплака навивачите во „Веспрем Арена“.

Најдобар стрелец кај Магдебург беше Клар со седум гола, додека кај Веспрем се истакнаа Косоротов и Ремили со по шест погодоци.

Утре ќе биде извршена ждрепката за полуфиналните парови, а Ф4 турнирот ќе се игра во „Ланксес Арена“ во Келн на 14 и 15 јуни.