Македонскиот репрезентативец Мартин Серафимов, од почетокот на април, и официјално не е дел на тимот предводен од Кирил Лазаров. Тој спогодбено ја завршил соработката со тимот од Автокоманда, а разврската е таква што десниот бек до крајот на сезоната нема да го гледаме на терените.
Ќе треба да почекаме до почетокот на јули кога почнува соработката со Еурофарм Пелистер кој веќе го промовираше како свое засилување за сезоната 2026/27, со двегодишен договор. Тогаш би требало да почне со играње.
Серафимов е еден од најпрепознатливите домашни играчи и актуелен македонски репрезентативец. Во Автокоманда со години се потенцира дека проектот е создаден за македонски ракометари, а и самиот Лазаров во повеќе наврати јавно зборуваше дека шанса треба да добиваат токму домашните играчи. Затоа заминувањето на Серафимов, и тоа во ваков момент, остава впечаток дека сино-белите од Автокоманда лесно се откажуваат токму од своите деца и од оние со репрезентативен статус.
Според пропозициите за сезоната 2025/26, право на настап ракометарот го врзува тековната полусезона, па по настапите што веќе ги имаше за тимот од Автокоманда, Серафимов не може оваа сезона да се појави за друг домашен клуб. Тоа практично значи дека до лето останува надвор од натпреварувачки ритам, без оглед што веќе има нов клуб за следната сезона. На негово место во Автокоманда треба да дојде словенечкиот десен бек Нејц Цехте, а договорени се уште најмалку две странски засилувања.
А, ако не е во натпреварувачки ритам, нема да биде ниту во комбинација за настап за репрезентацијата. Во мај Македонија треба да игра двомеч за пласман на СП 2027 година, и тоа со Словачка.
24Ракомет минатиот месец после дербито со Вардар пишуваше дека Серафимов е на „тенок лед“ и дека играчот го нема на терен, а се шпекулираше дека е суспендиран. Информација што не беше потврдена, ниту демантирана. Серафимов оттогаш не се појави на ниту еден меч на клубот.
____________________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________
Во меѓувреме, Еурофарм Пелистер не само што го договори, туку и официјално го претстави како ново засилување. Битолчани објавија дека потпишале двегодишен договор со македонскиот репрезентативец и јасно нагласија колку им значи секој потпис на домашен играч со репрезентативен бекграунд.
Дополнителен сигнал дека разделбата е дефинитивна стигна и од Струмица. За време на завршницата од Купот, Серафимов беше забележан во друштво на претставници на битолскиот клуб на трибините, што уште тогаш практично ја потврди сликата дека неговата приказна со тимот од Автокоманда е завршена и пред да биде официјално затворена сезоната.
Формално, приказната е затворена со спогодбен прекин на соработката, и трансфер во нов клуб за за идната сезона. Од Автокоманда заминува токму еден од играчите што требаше да бидат заштитно лице на проектот. А тоа, сакале или не, испраќа порака што тешко може да се игнорира.
____________________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________























