Серафимов: Имаме голем хендикеп, но селекторот ќе го извади најдоброто од нас

Maшката репрезентација на Македонија вчера ги започна подготовките за последните две средби од квалификациите за ЕП 2026 против Естонија и Литванија.

Десниот бек Мартин Серафимов очекува триумф кај Естонија, а потоа во препознатлива атмосфера во Скопје да падне и Литванија со помош на навивачите.

„Првиот натпревар ни е со Естонија каде мора да победиме, па на домашен терен ни доаѓа Литванија, меч кој ќе биде важен, но и незгоден. Но, се надевам дека со помош на публиката ќе се избориме за позитивен резултат. Ќе биде голем хендикеп затоа што многу клучни играчи ни фалат на овој собир, но знам дека селекторот ќе подготви тактика и ќе го извади најдоброто од нас и нашите силни страни ќе дојдат до израз за да може да оствариме позитивен резултат“, изјави Серафимов.

Наптреварот против Естонија се игра во Талин на 8 мај од 18:00 часот, додека оној против Литванија е на програмата на 11 мај во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 18:00 часот.

Македонија мора да чека пораз на Литванија, иако Словенија таму ќе оди со трет состав, за да остане во конкуренција за второто место. Во секоја друга комбинација, ќе се бори за трето место, ќе треба двапати да победи, но и да пресметува гол-разлика со другите третопласирани селекции од сите групи.