EUROPEU SUB 20 SWE x SRB, em Matosinhos, no Centro de Desportos e Congressos de Matosinhos

Се огласи Кос: Ќе се трудам да останам запаметен како добар спортист

Српскиот репрезентативец Милош Кос во вториот дел од оваа сезона ќе настапува за бундеслигашот Ерланген, откако неславно ја заврши својата авантура во Загреб.

Левиот бек беше суспендиран од Загреб поради предизвикување физички инцидент во соблекувалната на хрватскиот шампион по натпреварот со Нант.

Србинот денеска за првпат, преку соопштение до јавноста, се огласи за инцидентот и изрази жалење за настанатата ситуација, а упати и извинување до голманот Матеј Мандиќ.

,,Се надевам дека 2025 година за мене ќе биде подобра од претходната. Зад мене е тежок период во кој имаше време да се преиспитам и да жалам за постапката што ја направив. Ја користам оваа прилика јавно да му се извинам пред сѐ на мојот пријател со кој пораснав и во Љубушки и во Загреб, Матеј Мандиќ. Му посакувам брзо закрепнување, се надевам дека што поскоро ќе биде подготвен да брани и дека ќе има одличната кариера каква што заслужува. Сакам да им се извинам и на моите поранешни соиграчи, но и да ви се заблагодарам за поддршката што ја добив од првиот ден кога го облеков дресот на  Загреб. Им благодарам на луѓето од клубот, на сите тренери и навивачи за сѐ во изминатите две години. Загреб го чувствував како мој клуб, место каде добив шанса да играм со најдобрите и можам да го разберам негодувањето и гневот по сѐ што се случи во соблекувалната тој ден по натпреварот со Нант. Направив голема грешка, а ова за мене е една голема животна лекција што очигледно морав да ја научам. Имам 22 години, има сезони и сезони во кои ќе се трудам да останам запаметен како добар спортист, но пред сѐ како човек”, стои во дел од соопштението на Кос.

За Кос заинтересирани беа Војводина, Партизан, како и уште неколку бундеслигашки клубови.