Самурајот од Вардар ја води Јапонија до ОИ!

Средниот бек на Вардар, Косуке Јасухира, со селекцијата на Јапонија, се наоѓа на чекор до пласман на Олимписките игри во Франција.

Јапонците со четири триумфи во групната фаза обезбедија место во полуфиналето на квалификацискиот турнир што се игра во Доха.

Јасухира e меѓу најдобрите играчи на Јапонија на овој турнир. На првата средба „самураите“ славеа против Иран со 25-20, а на овој меч вардаровиот бек даде шест гола.

На втората средба, која Јапонија ја доби во драматична завршница против Бахреин со 27-26, стрелец на победничкиот гол беше токму Јасухира на шест секунди до крајот. Средниот бек оваа средба ја заврши со три погодоци.

Јапонците славеа и против Казахстан со 44-19, а на овој дуел Јасухира не влегуваше во игра, додека на последната средба од групната фаза, Јапонија ја доби со 32-30, со пет гола на средниот бек.

Јапонија сега го чека полуфиналниот дуел во кој ќе се сретне со поразениот од натпреварот меѓу Катар и Саудиска Арабија на 26 октомври.

Пласман на Олимписките игри во Франција ќе обезбеди победникот на овој турнир, додека поразениот во финалето ќе игра на квалификациските турнири со селекции од другите континенти.