Спортската сала „Нико Нестор“ во Струга наскоро оди под клуч! Објектот што го користат учениците од ССУ „Нико Нестор“, како и повеќе спортски клубови од Струга, меѓу кои и ракометните, со години прокиснува кога има дожд, а водата навлегува на теренот и го уништува.
Оваа сала е стара повеќе од 30 години, а ниту еднаш немаше поголем зафат за санација или реновирање, па по одлуката на властите за контрола на сите објекти низ државава, меѓу кои и спортските, утврдено е дека салата во Струга ќе биде затворена пред да се случи нешто непосакувано.
Покрај теренот, во лоша состојба се и соблекувалните, а Сојузот на општински спортови во Струга, кој стопанисува со салата, постои само на хартија. Поради тоа е отежнат процесот на санација на кровот, канализацијата, инсталацијата, рефлекторите…
Машкиот клуб во продолжение од сезоната, своите домашни натпревари – против Прилеп, Пролет, Радовиш и Борец ФЛ, ќе ги одигра во салата „Тими“. Освен сениорите, таму своите натпревари од соодветните конкуренции ќе ги играат и пионерите и кадетите.
Исто така ново решение за своите домашни натпревари во сите категории ќе треба да побара и женскиот тим на Стружанка.