Некогашниот стратег на Војводина и селектор на Србија, Борис Ројевиќ, ќе биде нов предводник на тимот на Охрид.
Тој се обврза на договор на три сезони со тимот покрај езерото и откри како започна соработката.
На стартот на преговорите, тој не го гледал ангажманот во Охрид како опција, но подоцна сфатил дека се работи за стабилен и амбициозен клуб.
„Бевме во контакт некое време и сакаа да ме ангажираат. На прва топка сериозно не го гледав тоа како опција, бидејќи немав доволно информации за проектот. Со текот на времето, додека се распрашував и разговарав со луѓе чие мислење го ценам, сфатив дека ова е стабилен и амбициозен клуб. Добив покана од градоначалникот Пецаков за ручек во Нови Сад. Дотогаш имав некои поинакви планови поврзани можеби со некои други земји каде би сакал да ја продолжам кариерата. Кога градоначалникот и спортскиот директор на клубот ги споделија своите размислувања за целиот проект со мене, почувствував дека имаат голема глад за успех и решеност да направат нешто големо. Решив дека сакам да бидам дел од таква приказна. Одам да работам во земја во која ракометот е спорт број 1, каде што салите се полни, а ракометарите имаат одреден статус во лига која е квалитетна и секоја година станува се подобра и подобра“, изјави Ројевиќ.
Србинот ќе го има првиот предизвик во странство, откако долго време ја водеше Војводина и освои многу трофеи на домашно тло, но и на меѓународна сцена, каде може да се пофали со трофеј во Европскиот Куп, како и со две учества во ТОП 16 од Лигата на Европа.