Ракометарите на Охрид прославија важен триумф на гостувањето кај „сино-белите“ во Автокоманда со 27-26. Сега охриѓани имаат 48 бодови на второто место и му ги згаснаа сите надежи на домашниот тим дека може да се бори со Охрид и со Еурофарм Пелистер за второто место на табелата. Домаќините останаа на 40 бодови на четвртото место, а Вардар е далеку на врвот со 54, додека заедно со битолчани кои имаат 46 допрва треба да го одиграат меѓусебниот двобој.
Охриѓани во најголем дел од мечот диктираа темпо и резултат, имаа контрола, а на 90 секунди до крајот водеа со плус три 27-24. Домашните дадоа два брзи гола, но немаше време за нешто повеќе и бодовите заминаа за Охрид.
Покрај голманот Пилиповиќ со десет одбрани, кај Охрид се истакнаа Јасухира со седум и Иванковиќ со четири гола, а во составот ги немаше повредените Борозан, Петриќ и Стрмљан. Во домашниот тим, Кизиќ фати седум удари, пет гола даде Дамјан Митев, а по четири пати стрелаа Ненад Костески и Борзаш.
По 3-3 на стартот, домашните казнија две грешки на „гладијаторите“ и отидоа на плус три, 6-3. Одржуваа момците на Лазаров позитива петнаесетина минути, па мораше Ројевиќ да бара тајм-аут.
Но оттогаш охриѓани заиграа како по ноти. Пилиповиќ почна да брани, покрај Моралес ретко кој можеше да помине и гостите се вратија во игра набрзина. Домашните немаа течен напад и тешко доаѓаа до позиција за погодок.
Тие дадоа само уште шест гола до крајот на полувремето, а за тоа време Охрид ја полнеше нивната мрежа. Погодуваа Јасухира, па Кукуловски на два пати, Савревски, Прибетиќ, Лиапис и тоа беше доволно за плус пет на пауза за Охрид, 17-12.
На стартот на вториот дел црвен картон доби Лиапис по еден остар старт над Ѓорѓиев, па момците на Кирил Лазаров го искористија тој период да стигнат до минус два. Во меѓувреме Пилиповиќ запре два зицери и Охрид преку Ѓукиќ успеа да постигне гол за 20-17.
Лазаров побара тајм-аут на петнаесетина минути до крајот, но охриѓани ја одржуваа таа залиха. Пилиповиќ одново бранеше зицери, не погодија ниту Велковски, ниту Џонов и во последните десет минути се влезе со водство на Охрид со 22-19.
Домашните добија прилика за минус еден, но Пилиповиќ се испречи пред Борзаш. Охрид не се исплаши од налетот и одржуваше предност меѓу два и три гола предност, а на 100 секунди до крајот Ројевиќ побара тајм-аут.
Беше возбудливо во финишот, откако Кизиќ на плус два за Охрид на минута до крајо, му одбрани зицер на Ѓукиќ, а Костески казни набрзина на спротивната страна за 27-26. Играа домашните пресинг, но гостите ја сочуваа топката до крајот и се израдуваа на двата бода.
























