Ристовска и ЦСКА ги дели уште еден меч до обрана на титулата

Екипата на ЦСКА Москва, во која настапува репрезентативката на Македонија, Сара Ристовска, ја доби првата финална пресметка во рускиот шампионат.

ЦСКА Москва за ривал во финалето од плеј-офот го има најголемиот ривал, тимот на Ростов Дон, кој од клупата е предводен од Ирина Дибирова.

Ристовска и нејзините колешки успеаја на денешниот натпревар да бидат подобри триумфирајќи со два гола разлика, 28:26 (15:10).

Избраничките на Олга Акопјан доколку обезбедат победа на вториот финален натпревар, тогаш ќе освојат нова титула, втора во низа.

Македонката на денешниот натпревар имаше две реализации, додека Карина Сабирова беше предводник на стрелците во московската екипа, постигна шест погодоци.

ЦСКА Москва и Ростов Дон на 24 мај повторно ќе ги одмерат силите, а доколку победи тимот предводен од Ирина Дибирова, следува „мајсторка“ за титулата.