Распад-систем во Целје, Тримо има отворен пат до тронот!

Словенечкиот шампион Целје како да „крена раце“ после поразот од Тримо Требње на домашна сцена, па така тимот кој е предводен од екс ракометарот на Вардар, Алем Тоскиќ, остана без уште еден важен ракометар.

По Грегор Кречиќ и Амир Муховиќ, тимот на Целје го напушти и левиот бек, Анте Иванковиќ, кој во редовите на „пиварите“ беше меѓу најдобрите стрелци, во првиот дел од Лигата на шампионите постигна 37 погодоци на десет натпревари и беше на мета на многу клубови.

Сепак, младиот ракометар одлучи предвреме да го напушти Целје и да замине во Бундес лигата. Левиот бек се договори на соработка со Штутгарт и во бундеслигашот ќе настапува најмалку до 2026 година.

Целје на левата бековска позиција остана само со Ник Чировиќ и српскиот интернационалец Урош Миличевиќ. Двајцата млади ракометари добро се покажаа во првиот дел од сезоната, но не се толку искусни за да го понесат целиот товар на споменатата позиција.

Тимот на Тоскиќ и со комплетен состав имаше проблеми во домашниот шампионат, во Лигата на шампионите на ниту еден натпревар во првиот дел од сезоната не освои бод и токму од промените во најтрофејниот словенечки клуб може да профитира Тримо Требње, но и Горење Велење.

Клубот во кој тренер е актуелниот селектор на Словенија, Урош Зорман, двапати го порази Целје, моментално, е позициониран на првата позиција на табелата во словенечката лига, има 27 бодови, додека Целје и Горење Велење имаат по 25.