Радовиш не виде мака на гостувањето во Гевгелија

Радовиш во натпревар од 9. коло од прволигашката конкуренција на гостувањето во Гевгелија кај Партизан одигра рутински, триумфираше со 38:23 и го запиша седмиот сезонски триумф.

Екипата на Радовиш сега на табелата во групата Б има 21, бод, моментално го презеде лидерското место, но непоразениот Бисинов има натпревар помалку.

Избраниците на Љупче Мијалов немаа многу проблеми, одлично започнаа, разиграни беа неколку клучни ракометари, па така гостите на пауза заминаа со предност од 19:12.

Вториот дел беше искористен за гостинскиот состав да дојде до уште поголемо зголемување на предноста и постојаната разлика беше двоцифрена. Домаќините се обидуваа да се изборат за помал пораз, но разликата во квалитет меѓу двете екипи беше очигледна.

Најефикасни во победничкиот табор беа Здравко Постолов со девет и Зоран Стојановски со осум погодоци, еден помалку имаше Јован Ѓорѓиев.

Кај Партизан прво име беше Ѓорѓе Банцалиски со десет погодоци, осум запиша Горан Лисичков.