Радивојевиќ: Мора да ја спремиме главата цел натпревар да бидеме на ниво

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер го очекува седмиот натпревар оваа сезона од Лигата на шампионите.

Пелистерци ќе гостуваат кај унгарскиот вицепрвак ПИК Сегед, кој во саботата загуби на домашен терен во дербито од Веспрем.

Еден од ракометарите на македонскиот тим што најдобро го познава унгарскиот тим е десното крило Богдан Радивојевиќ, кој играше четири сезони за ПИК Сегед.

„Драго ми е што ќе се вратам и ќе заиграм повторно во Сегедин. Едвај чекам да дојде натпреварот. Се спремаме, знаеме како игра ПИК Сегед, но нема да играат против нас како на останатите натпревари. Мораме добро да се спремиме, напорно работиме и се надеваме на позитивен резултат. Им остана шпанскиот систем кој го играат десетина години, но со новиот тренер и со некои нови играчи воведоа некои новини. Ги гледаме на натпреварите оваа сезона, се спремаме и мораме сите шеесет минути да играме добро, бидејќи ако малку се опуштиме, нема добро да поминеме. Мораме да ја спремиме главата да бидеме цел натпревар на ниво. Атмосферата кај нас е добра, играме добро и во Лигата на шампионите, и не дозволуваме убедливи порази како на почетокот. Но, тоа доаѓа и со искуството, имаме млади играчи кои не играле во ова натпреварување и мора максимално да се игра шеесет минути. Сега сме свесни за тоа, одигравме добро и во Париз, но недостига малку искуство да бидеме комплетни. Напредуваме од ден на ден и верувам дека тоа ќе се види на терен“, вели српскиот репрезентативец.

Тој е среќен што повторно ќе заигра во Сегед, но овојпат на спротивната страна.

„Салата во Сегед е најубава ракометна сала во Европа. Тоа е само ракометна арена, таму не се игра ни кошарка, ни било кој друг спорт. Имаат и мала сала за тренинг покрај големата. Убаво е да се игра таму и среќен сум што нашите млади играчи ќе го искусат тој амбиент. Нам ни преостанува само да се надминеме и да се обидеме да победиме“, заврши Радивојевиќ.

Натпреварот меѓу ПИК Сегед и Еурофарм Пелистер се игра в четврток со почеток во 18:45 часот.