ПСЖ не виде мака во Букурешт, Алборг победнички кај ПИК Сегед

Ракометарите на ПСЖ во натпревар од 10. коло од Лигата на шампионите полесно од очекуваното го совладаа Динамо Букурешт со 40:33.

За избраниците на Раул Гонзалез ова беше 6-ти сезонски триумф во европската елита, додека романскиот шампион го доживеа 6-от пораз, но на свое конто има 10 бода, па така е сигурен учесник во осминафиналето.

Гостите од Париз не наидоа на голем отпор, победата си ја обезбедија уште во првиот дел, на полувреме заминаа со предност од 21:14 и рутински ги одработи вторите 30 минути.

Најефикасни во победата на ПСЖ беа Јакоб Холм со девет и Јахја Омар со гол помалку – 8. Кај поразениот табор најефикасен беше Мохамед Али, кој зад своето име запиша осум реализации.

ПИК Сегед и Алборг во натпревар од групата Б одиграа интересен натпревар, а данскиот шампион излезе како победник по 60 минути игра, триумфираше со 32:30.

Целиот натпревар мина во голема неизвесност, главно се играше гол за гол, а во периодот од 55 минута, па до финишот, подобро се снајдоа гостите

Томас Арнолдсен и Џек Турин беа најзаслужни за победата на Алборг, двајцата ракометари имаа по осум гола, а кај домаќините блескаше Марио Шоштариќ со дури 12 гола.