„Против Македонија нема да играме со најсилниот состав“

Селекцијата на Црна Гора ќе биде првиот ривал на Македонија на пријателските натпревари што ќе бидат одиграни пред настапот на Европското првенство.

Црногорците под водство на Владо Шола веќе ги стартува тренинзите, но селекторот не може да смета на ракометарите што се уште имаат клупски обврски.

Тие ќе се комплетираат на 26 декември, но Шола откри дека на дуелот со Македонија нема да истрчаат најдобрите.

„Идејата е против Македонија да не играме со најсилниот состав и сакам да им дадам шанса на оние кои малку играа. Против Хрватска и Словенија ќе биде поинаку. Самиот квалитет гарантира 100% ангажман. Сите ќе добијат прилика, резултатот нема да биде во прв план, целта е да испробаме некои тактички варијанти“, истакна Шола.

Македонија и Црна Гора ќе играат на 29 декември во Стара Пазова, а двете средби со Грција нашата селекција ќе ги одигра во Скопје на 4 и 5 јануари.