
Ракометарите на Вардар ги очекува гостување кај Нант во 5 коло од Лигата на шампионите, кое не може да смени многу за македонскиот првак во поглед на пласманот во ТОП 12, но важно е за домаќинот во битката за главната рунда, а за вардарции во битка за трето место, што носи повластена позиција во ждрепката за елиминациите во Лигата на Европа.
Тренерот Иван Чупиќ вели дека неговиот тим посакува прва победа оваа сезона во елитната конкуренција.
„Сакаме да победиме и да останеме конкурентни, како што бевме досега. Знаеме дека е многу тешко да се победи во Нант. Не сакам да размислуваме дека ќе биде доволно само да одиграме добар натпревар и да оставиме позитивен впечаток. Во Нант мора да се бориме и да го покажеме вистинскиот пристап и менталитет, како што сме правеле секогаш. Тоа никогаш не смее да недостасува во нашата игра“, вели Чупиќ.
Вардар продолжува во ЛЕ, но ќе остане битката за третото место ако Мелсунген загуби од Висла Плоцк.
„Ова се тешки моменти за нас. Имавме високи очекувања и се надевавме дека ќе ја минеме групната фаза. Сепак, сакаме да испратиме порака за иднината – дека сè уште сме живи и конкурентни и дека овој тим продолжува да се развива. Секој натпревар во Лигата на шампионите е како финале за нас. Мораме да се претставиме во вистинско светло и да учиме од секој натпревар“, заврши Чупиќ.
Натпреварот меѓу Нант и Вардар се игра во „ХХЛ Арена“ в среда со почеток од 20:45 часот.
















