Ракометарите на Пролет дојдоа до третата победа во плеј-аутот, откако на свој терен славеа против Куманово со 24:20 во натпревар од 4. коло и со новите два бода го презедоа лидерското место на табелата. Сега имаат седум бода, еден повеќе од Прилеп, кој со натпревар помалку се наоѓа на втората позиција со шест бода.
Откако беше 3:3, по шест-минути игра црвен картон заработи членот на Куманово, хрватскиот интернационалец Лука Матачиќ поради остар старт на еден од противничките ракометари, па така гостинот мораше без еден од најдобрите играчи да го продолжи натпреварот.
Избраниците на Матлиески кон средината на првиот дел, по негативата од 4:3, направија одлична серија од 5:0 и во 15-та минута дојдоа на плус три, 7:4. Куманово цели десет минути беше без реализација, а кризата во гостинскиот состав ја прекина Џанкарло Фелипе Хен, намали на 7:5 во 20-та минута.
Пролет до крајот на првото полувреме одржуваше резултатска предност, но без големаа комоција во играта, а резултатот по 30 минути игра беше 11:8 во корист за домашниот табор.
Домаќините на стартот на вториот дел дојдоа до плус пет, 14:9, и до финишот не му дозволија на ривалот да има било какви шанси за кам-бек. Во 47-та минута, црвен картон заработи и Давид Димевски, исто така поради остар старт. Куманово во еден момент се доближи на минус два, 18:16, но Пролет во завршниот дел знаеше да го пронајде патот до мрежата на гостинот.
Во победничката екипа најефикасни беа Мице Шилегов, Давор Палевски и Андреј Стојановски, тројцата постигнаа по пет погодоци. Кај Куманово, со по седум реализации, се истакнаа Џанкарло Фелипе Хен и Гиљерме Да Силва Фернандес.
Ракометарите на Пролет во следното коло ќе гостуваат кај Радовиш, додека Куманово на свој терен ќе го пречека Борец ФЛ.