Прилеп дома како „гостин“ ја победи Струга

Наместо во Струга, средбата меѓу Прилеп и Струга се одигра во Прилеп, бидејќи клубовите се договорија да ги заменат домаќинствата. Особено важен триумф за прилепчани кои сега победија со 30-25, откако претходно дома „кикснаа“ со Радовиш, и сега мораа да победат за да останат во сигурната зона, далеку од испаѓање.

Прилеп е на второто место, со два бода помалку од лидерот Пролет. За разлика од Прилеп, стружани уште ќе се „тресат“ бидејќи остануваат на дното на табелата со само четири бодови.

Мечот немаше неизвесност, освен со колкава разлика ќе победи Прилеп. Победникот беше најавен уште во првото полувреме кога Прилеп поведе со 10-5, а таа разлика од пет гола ја задржа и на полувреме. Во тој период Цветаноски и Шабановиќ погодија деветпати, а условно гостите има предност од 14-9.

Немаше неизвесност бидејќи прилепчани го задржаа ритамот, а стружани немаа решение како да ја намалат разликата. Таа се искачи на „плус 8“ со што беше најавено дека бодовите остануваат во Прилеп.

Никола Цветаноски со 6 гола, беше најефикасен кај Прилеп, а по пет гола дадоа Христи Бикоски, Денис Шабановиќ и Томислав Квастек. Кај Струга, седумпати погоди Александар Стојков

Во следното коло Струга треба да биде домаќин на Пролет, а Прилеп гостува во Велес кај Борец.