Официјалниот сајт на унгарскиот Ѓер објави дека норвешката репрезентативка Силје Солберг веќе им се врати на тренинзите по раѓањето на ќерката.
33-годишната голманка која со селекцијата на Норвешка освојуваше титули на ЕП и СП, веќе работи со тренерот на голманите на Ѓер.
„Морам да се подготвам добро и работам на тоа мускулите да ги донесам до тоа ниво, за да бидам спремна за сите напори. Едвај чекам пак да го облечам повторно „зелено-белиот“ дрес и да се борам за титули“, вели Солберг.
Ѓер во домашниот шампионат има шест победи и еден неочекуван пораз од Мошонмаѓаровар, додека во Лигата на шампионите е перфектен по четири меча.