Порто пружи силен отпор, но европскиот првак ги освои бодовите

Европскиот првак Магдебург прокнижи нови бодови во Лигата на шампионите, откако славеше против Порто на Никола Митревски со 37-33, по голема борба особено во финишот на мечот.

Германскиот тим отвори со водство од 7-2, водеа момците на Бенет Вигерт во поголем дел од првото полувреме, но Порто успеа да ги консолидира редовите и израмни на 13-13.

Се играше гол за гол во продолжение, но Магдебург замина со плус еден на пауза, 18-17. Во второто полувреме Порто направи комплетен пресврт и поведе со два гола разлика, 21-19.

Но тогаш следуваше пад во играта на португалскиот првак и Магдебург се врати во мечот, доминираше на теренот и ја одржуваше разлика од два до четири.

Митревски успеа да одбрани пет удари на домашниот тим, а најдобри стрелци во Порто беа Николај Кристенсен со девет гола и Педро Валдес со пет. Во европскиот првак најдобри стрелци беа Магнусон со девет гола, како и Смарасон и Дамгард со по седум.