Подравка ја освои 28. титула во Хрватска!

Откако минатата сезона ја прекина двегодишната доминација на Локомотива Загреб, тимот на Подравка ја освои втората титула по ред или вкупно 28 во клупската историја.

Избраничките на тренерот Ивица Обрван имаа лесна против Желина и победија со 47-20, а тоа значеше пет бода предност пред Локомотива на две кола до крајот.

Подравка е на врвот со 48, тимот на Андреа Седлоска има 43 и ќе мора да се задоволи со вицешампионската позиција.

Само два тима освојувале титули во Хрватска. Покрај оние 28 на Подравка, пет титули во историјата на хрватскиот шампионат има Локомотива Загреб.

Со оваа титула, Подравка не го обезбеди своето учество во Лигата на шампионите за следната сезона, бидејќи Хрватска нема директно место во елитната конкуренција, па ќе мора да се надева на вајлд-карта.