Пино: Самсоненко одлучи да си заминам од Вардар, но потоа ја призна својата грешка

Поранешната репрезентативка на Франција, Алисон Пино, во некогашниот македонски шампион Вардaр одигра две сезони, 2013/14 и 2014/15.

Пино со Вардар двапати играше на Ф4 турнирот во Будимпешта и со „црвено-црните“ исто толку пати го освојуваше бронзениот медал во европската елита.

Искусната ракометарка, која ја игра последната сезона од нејзината кариера, во интервју за Европската ракометна федерација (ЕХФ) се осврна на нејзината кариера во Вардар, како и на нејзиното заминување од македонската престолнина.

„Во 2013 година имавме неверојатна сезона со Вардар. Станавме учесници на првиот Ф4 во Лигата на шампионите и бевме свесни дека се пишува историја. Да се мисли дека женскиот ракомет може да создаде таква возбуда беше неверојатно. Оттогаш, секоја година, мојата цел беше повторно да играм на завршниот турнир. За жал, работите не се развиваа како што посакував со Вардар. И покрај потпишувањето на продолжување на договорот, сопственикот одлучи дека сака да заминам. Неколку години подоцна, тој ја призна својата грешка. Ова беше еден од многуте моменти во мојата кариера кога доживеав неправда. Истото ми се случи мене и во Брест кога се вратив во Франција во 2016 година. Таму останав три години, но ова не е период во мојата кариера за кој имам што многу да кажам“, изјави Пино.

Французинката во својата кариера беше дел и од екипите на Мулино, Мец, Валчеа, Крим, Ним, Баја Маре, Брест Бретањ, Париз и Будуќност.

Во последните три сезони го носи дресот на словенешкиот шампион Крим Мекатор, клуб во кој ќе ја заврши својата голема кариера.