Тимот на Охрид одново е дел од завршницата во Купот на Македонија и ќе има шанса да се бори за трофејот.
Ривал на „гладијаторите“ во полуфиналето ќе им биде шампионот Еурофарм Пелистер, додека во второто полуфинале ќе се сретнат актуелниот бранител на трофејот, Вардар и „сино-белите“ од Автокоманда.
Голманот на Охрид, Кристијан Пилиповиќ, кој е меѓу најдобрите во составот што стигна до полуфиналето на ЕХФ Европскиот Куп, ја најави пресметката со битолчани.
„Се радуваме на овој турнир, ова е наша прва прилика за освојување трофеј. Ривалите ни се на врвно ниво, а полуфиналето против екипа од Лигата на шампионите претставува голем предизвик. Ќе дадеме се од себе да создадеме шанса да продолжиме понатаму и да ја искористиме“, изјави Пилиповиќ.
Мечот меѓу Охрид и Еурофарм Пелистер се игра на 17 април од 17:00 часот во салата „Парк“ во Струмица, каде што се игра Ф4 во Купот на Македонија, а мечот меѓу Вардар и тимот на Лазаров ќе стартува од 20:00 часот.

























