Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 во 12. коло од Супер лигата славеа на гостувањето во Скопје кај Аеродром со 27:26.
Битолчани со освоените три бода се вратија во трката за пласман во плеј-оф фазата. До крајот има многу математики, па на младите пелистерци ќе треба да им се поклопат сите коцки за 4. позиција на табелата.
Тренерот на Еурофарм Пелистер 2, Михаил Петровски, ги истакна импресиите по добиената битка со дебитантот.
„Секако дека е можно да обезбедиме пласман во плеј-офот, ќе видиме колку е реално во последното коло, имаме уште два меча најпрво со Струга дома, потоа со Куманово на гости, и на двете одиме на победа. Спортски и реално е да се надеваш. Во последното коло Струга и Аеродром ќе биде вистинско дерби, но наше е да одиграме и да одиме до крај. За пласманот во плеј-офот ќе одлучуваат другите, ние имавме шанса да одлучуваме сами, но сега се такви околностите какви што се. Јас искрено се надевав на плеј-оф и ќе беше добро за оваа млада екипа и овие млади играчи да го почуствуваат жарот во плеј-офот и натпреварите со Еурофарм Пелистер, Вардар, Алкалоид и останатите екипи”, изјави Петр0вски.
Младиот стратег вели дека неговите избраници покажале карактер на денешниот дуел.
„Имавме и добри игра, падови, подеми, имавме 4 промашени пенали, тоа не смееме да си го дозволиме, но пак ќе кажам, за тоа нема оправдување. Сепак, ова е млада екипа, времето работи за нив. Ова беше вистинско дерби, очекувавме малку погруба игра, на крај ние се радувавме, некогаш среќата ги прати храбрите, јас кажав дека ако изиграме 200%, на крај ќе ни се врати тоа. Една позитивна улога е тоа што момците покажаа карактер и на крајот го добивме натпреварот. Ние се уште сме теоретски во игра за плеј-оф и одиме до крај”, заврши Петровски.
Еурофарм Пелистер 2 во следното коло на домашен терен ќе ја пречека Струга, додека во последното коло ќе гостува во Куманово кај истоимената екипа.
Битолчани се враќаат во игра за плејоф откако направија „брејк“ кај Аеродром