Изминатиот викенд се одиграа три меча од 11 коло во плеј-аутот од Женската лига, но немаше промени на табелата. Прв се уште е Спартак со 18 бодови, Пелистер има 15 на второто место, но и меч помалку, додека Деспина е трета со 13.
Пелистер славеше на гости кај Деспина со 34-30, а битолчанки го решија мечот уште по 8-1 на стартот. Потоа се беше полесно, па иако домаќинките се доближија на два пати до минус два, Пелистер успеа да одработи рутински до крајот. Моника Босилковска имаше 13 погодоци во триумфот на нејзиниот тим, а Андреа Конеска даде девет гола за Деспина.
Спартак беше убедлив на дуелот со Овче Поле СУ со 31-15. Зорица Андовска со десет и Надица Максимовска со девет гола, беа најдобри во домашниот тим, додека кај гостинките од Свети Николе, Јана Ристовска постигна шест погодоци.
Ѓорче Петров 2 триумфираше против Стружанка со 32-26. Гостинките пружија отпор, особено во првиот дел, водеа и на стартот на второто полувреме, но серија на домаќинките од 9-2 за 26-21 беше клучна за триумфот. Наумовска имаше шест гола за Ѓорче Петров 2, а по пет постигнаа Ѓероска и Бошковска. За Стружанка десет гола даде Маркоска, а осум реализации имаше Переска.