Амбициозниот тим на Партизан започнува со промени во играчкиот табор, а според пишувањата на српскиот портал „Моцарт спорт“, веќе тројца играчи не се членови на „црно-белите“.
Станува збор за поранешниот играч на Металург и Еурофарм Пелистер, Немања Обрадовиќ, репрезентативецот на БиХ, Немања Пештиќ, и голманот Лука Арсениќ, додека неизвесна е судбината на Бојан Маџовски.
Според споменатиот медиум, останува да се види дали левото крило од Македонија ќе ја „преживее“ чистката затоа што не ги оправдал очекувањата на тренерот Ѓорѓе Чирковиќ на стартот на новата сезона.
Како што е познато, нов ракометар во тимот на Чирковиќ е Петар Ѓорѓиќ, кој во тимот од Белград пристигна од актуелниот српски шампион Војводина.
Во наредните денови се очекуваат уште неколку промени во Партизан. Во однос на почетокот на подготовките, веќе ги нема голманот Немања Марјановиќ, десното крило Лука Лазиќ и пивотменот Филип Леовац.
Ракометарите на Партизан овој викенд ќе го одиграат реванш дуелот против Бере од Луксембург. На првиот натпревар од втората рунда од Европскиот Куп триумфираа со 35:24.