Партизан на шопинг во Битола

Амбициозниот Партизан од Белград продолжува да биде активен на трансфер пазарот во регионов, а според информациите на „Моцарт спорт“, српскиот суперлигаш би можел да биде посилен со играч од Еурофарм Пелистер.

Станува збор за привремениот репрезентативец на БиХ, Павле Петровиќ, кој во Македонија пристигна уште во јануари, 2021 година, најпрво играше за вториот тим на битолскиот клуб, потоа беше „прекомандуван“ во првиот тим.

Десниот бек во минатата сезона имаше забележителни партии во Лигата на шампионите, најдобрата ја имаше во Данска против силниот Алборг запишувајќи седум гола, но во оваа сезона е во сенка на Усама Хосни и Нејц Цехте, двајца клучни ракометари во играта на „зелено-белите“.

Партизан, моментално, на позицијата десен бек ги има на располагање Никола Црноглавац и Немања Јовиќ, ракометар кој што може да одигра и како десно крило, па така можната преселба на Петровиќ би била добитна комбинација за српскиот тим.

Освен Петровиќ, порталот „Моцарт спорт“ како потенцијално засилување во Партизан го споменува 29-годишниот Михајло Раденковиќ. Искусниот ракометар, исто како и Павле Петровиќ, доколку го засилуваат Партизан, тогаш тоа ќе биде на полусезона.

Минатата недела во Партизан пристигна црногорскиот репрезентативец Стеван Вујовиќ, кој игра на позицијата лев бек, а претходно клубот се засили со Петар Ѓорѓиќ од најголемиот ривал – Војводина. За Партизан настапува левото крило од Македонија, Бојан Маџовски.