Машката репрезентација на Словенија загуби од Германија со 36-29, во натпревар во кој избраниците на Урош Зорман не се „претргнаа“ и играа како да е пријателски.
Селекторот Урош Зорман, меѓу редови, призна дека Словенците не сакале да победат на овој меч бидејќи ќе беа први, а тоа ја носеше Франција како четвртфинален ривал, иако дотогаш не беше одигран дуелот меѓу Франција и Унгарија.
„Не сакавме да ја повториме грешката од ОИ 2016, кога се сретнавме со Данска во четвртфиналето. Тогаш имавме само еден процент шанса за успех. Овојпат си рековме, сакаме да бидеме умни и мудри. Секако, ќе има многу критики, но ние знаеме зошто сме дојдени тука и за каква цел работиме. Ние оваа одлука ја донесовме сите заедно, и не треба да се обвинуваат поединци“, вели Зорман.
Германија не калкулираше, со четири победи е прва во групата и ќе вкрсти со домаќинот во четвртфиналето, а Словенците ќе се борат со Норвешка.