Овче Поле со триумф го заврши есенскиот дел од сезоната

Ракометарите на Овче Поле победнички го завршија првиот дел од прволигашката конкуренција, откако на свој терен беа подобри од Кичево со 33:24 (13:12).

За клубот од Свети Николе ова беше трет сезонски триумф, додека Кичево на 12 одиграни натпревари запиша две победи, едно реми и осум порази.

Денешниот дуел за двете екипи немаше никакво значење, бидејќи во вториот дел од сезоната ќе играат во плеј-аут фазата.

Домаќините во текот на целиот натпревар имаа активен резултат, гостинот само во два наврати во вториот дел дојде до израмнување (13:13, 14:14), но до крајот немаше сили да направи нешто повеќе.

Најефикасен во победничката екипа беше Стојанче Ристов со девет погодоци, по шест постигнаа Бојан Гичев и Иван Димчевски.

Во составот на Кичево се истакна Стефан Стефаноски, кој зад своето име запиша осум погодоци.