„Ова е голем успех за Струга, сите сме заслужни за плеј-офот“

Ракометарите на Струга со победата над Аеродром од 34:23 во рамки од последното коло од регуларниот дел од Супер лигата обезбедија пласман во плеј-оф фазата и во пролетниот дел од сезоната ќе разигруваат за титулата.

На Струга на дуелот со дебитантот потребен и беше само бод за да го осигура местото меѓу најдобрите осум, но избраниците на Наум Танески со победа го затворија првиот дел од сезоната.

Еден од најзаслужните за пласманот на Струга во ТОП 8, голманот Дејан Рикановиќ, ги сподели своите впечатоци по обезбедениот плеј-оф.

,,Можам да кажам дека одигравме одлично во двете полувремина, се држевме до она што беше договорено пред натпреварот, знаевме што не чека. Влеговме максимално фокусирани и си ја завршивме својата работа. Знаевме дека разликата не може да биде направена на стартот, но постепено ја градевме предноста и игравме до крај. Ова е голем успех на Струга и сите играчи имаат голема заслуга за пласманот во плеј-офот. За мене е одлично да играм со ваква екипа и пред ваква атмосфера. Голема благодарност и до навивачката група „Паткари“ која секогаш е нашиот осми играч”, изјави Рикановиќ.

Стружани во вториот дел од сезоната ќе имаат голема конкуренција за добар пласман во плеј-офот, но избраниците на Танески на дел од натпреварите со поквалитетните екипи покажаа дека можат да се носат и да бидат незгоден ривал.

Победничко селфи: Стружани по две сезони се враќаат во плеј-офот (ФОТО)

 

Струга ќе разигрува за титулата во Супер лигата!