Ракометарите на Охрид беа поразени на гостински терен кај „сино-белите“ во Автокоманда со 29-26 во неважен натпревар за двете екипи, но важен за Вардар и Еурофарм Пелистер, кои сигурно со внимание го следеа. Триумфот на домаќините значеше дека на врвот ќе останат тие, „црвено-црните“ и шампионот, а битолчани се најдобри во кругот и тие ќе пренесат три бода во плеј-офот. Тимот на Лазаров и Вардар ќе ја стартуваат битката за титулата со два бода.
Мечот почна со водство на домашната екипа со 3-0, но Охрид набрзина се врати во егал, а дури и поведе со 5-4, по ударот на Јукиќ. Потоа се играше гол за гол, а во 18. минута по еден старт над Џонов, Хрватот Јукиќ доби црвен картон.
Серафимов од пенал и еск играчот на Охрид, Ивановски, им донесоа на „сино-белите“ плус два, 10-8, па Алушовски повика тајм-аут. Не се смени ништо на подобро за гостите, напротив, домаќините отидоа и на четири гола предност.
Орјонокидзе беше расположен за игра и намали на 15-12, но следуваа три грешки во серија за гостинските ракометари, а момците на Лазаров казнија и заминаа со највисоки плус пет на паузата, 17-12.
Домаќинот пропушти прилика од контра на стартот на вториот дел за шест гола, па Охрид влезе во добра серија, успеа за десетина минути да израмни на 18-18 и да внесе паника во домашниот тим. Покрај исклучувањето на Јукиќ, гостите имаа пех со повредата на Орјоникидзе, па гостите го имаа триото Сафранко, Јотиќ и Винисиус во бековската линија. Тие направија неколку грешки и „сино-белите“ одново преземаа контрола.
Беше 22-19 за домаќинот и во следниот ја одржуваше таа разлика меѓу два и три гола. Охрид пак намали на минус еден, Лазаров повика минута одмор, а потоа неговите заиграа подобра одбрана, не дозволуваа лесни голови на ривалот и на пет минути до крајот беа во водство, 27-23.
Немаше премногу возбудувања во финишот и тимот на Лазаров рутински ја доработи завршницата. Најдобри во домашниот тим беа Серафимов со осум и Ивановски со шест гола, додека кај Охрид се истакна Орјоникидзе со девет погодоци.