Домаќинот на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“, тимот на Охрид ќе игра за седмото место, откако ремизираше со Партизан, 27-27, па поради подобра гол-разлика, српскиот тим оди во битката за петтото место на турнирот. Охриѓани ќе го имаат за ривал црногорскиот првак Ловќен во утрешниот натпревар од 10:30 часот.
Избраниците на Стевче Алушовски имаа фуриозен старт и отворија со водство од 4-1, но набрзина ја загубија предноста и Партизан израмни на 6-6. Се играше жестоко во одбраната на двете страни, имаше и по неколку голмански интервенции, па следуваа пет израмнувања на резултатот.
Во финишот на полувремето, Охрид преку капитенот Тасески стигна до плус два, 13-11, но одново дозволија ривалот да се врати ривалот, кој направи комплетен пресврт и поведе со 14-13. Сепак на пауза се замина со реми.
Играта гол за гол продолжи и во вториот дел, а гостите од Србија влегоа од серија грешки што беа казнети и Охрид отиде на плус три, 20-17. Но колку што брзо ја стекна предноста, толку брзо и ја загуби, па Маџовски стрелаше за 21-20.
Чаневски фати еден зицер, па Охрид преку Орјоникидзе стигна до нови плус два, но и Арсениќ беше на ниво, па Пештиќ израмни на 24-24, а потоа Маџовски ги врати „црно-белите“ во предност. Тоа беше причина Алушовски одново да повика тајм-аут.
На пет минути до крајот беше реми, 25-25, што беше најава за интересна завршница. Гостите направија пробивање и Тасески беше прецизен за водство на Охрид со 27-26, но и Партизан реализираше за ново реми.
Тасески имаше шанса да постигне победнички погодок, но голманот Арсениќ го спречи ударот и Партизан тргна во последен напад. Ниту српскиот тим не реализираше, па мечот заврши реми.
Најдобри стрелци во тимот на Охрид беа Тасески и Цирар со по седум погодоци, додека голманот Чаневски запиша десет интервенции. Во тимот на Партизан се истакнаа Пештиќ со седум и Анѓелковиќ со шест погодоци.