Oд Металург тврдат: Ниту еден играч, па ни Хорват не побарале пари однапред

Доаѓањето на Златко Хорват во Металург ја разбранува ракометната јавност во Македонија и сите се надеваат дека во иднина првенството ќе биде поинтересно со оглед на тоа што неколку екипи сериозно се засилија. После објавената вест на 24ракомет дека Хорват во Металург добил повисока плата од таа што ја имал во Загреб и дека му се ветени половина од парите да ги добие однапред, стигна реакција од клубот во Автокоманда.

Претседателката на Металург, Зорица Блажевска тврди дека ракометарот не побарал половина од парите однапред за трансферот во тимот од Автокоманда.

„Ниеден од играчите, вклучително и Хорват, не добиле, но и не побарале однапред ниедна плата, а ниту, пак, половина како што е наведено. Во конкретниот случај со Хорват, не знам колку била неговата плата во ППД Загреб и тоа не ме интересира.Ние платите ги формираме според нашиот буџет, според позицијата и квалитетот на ракометарот“,вели претседателката на Металург, Зорица Блажевска.

Инаку, досега во Металург пристигнаа четворица интернационалци што е показател дека почнаа да дуваат подобри ветришта во Автокоманда и сигурно ќе има подобри денови за клубот кој пред неколку години беше шампион на Македонија, а во моментов е актуелен освојувач на Купот на Македонија после победата во финалето во 2019 година.

Од колегите новинари во Хрватска стигна неофицијалната информација дека Златко Хорват имал околу 6.000 евра месечна плата во Загреб, (околу 60.000 по сезона) и дека особено примамливо му било да дојде во клуб што ќе му понуди подобри услови. Металуг се појави во вистинско време и со конкретна и добра понуда, изјави Хорват во краткиот разговор по објавувањето на потписот за сините од Автокоманда.

Ангажирањето на вака квалитетни играчи секако значи дека скопјани имаат обезбедено сериозен буџет за следната сезона, или пак се во фаза на обезбедување, со оглед на тоа што имаат и неколку интернационалци за кои покрај платите ќе треба да се платат и други административни надоместоци кон ЕХФ и матичната федерација, а се во износ од 2.700 евра, плус надоместок за РФМ за ангажирање на странски ракометар за што ќе треба исто така да се плати.

Сезонава од клубот заминаа домашните играчи Марио Танкоски, Томислав Јагуриновски и Филип Арсеновски. Уште неколкумина се на излезна врата од Автокоманда. Претходно за Металург потпишаа и Момир РниќБранко Канкараш и Никола Потиќ. Металург се надева дека може да добие директно место во групната фаза од Лига Европа, а секако е дека ќе игра едно квалификациско коло пред влезот во елитата во второто по ранг натпреварување во Европа.