Актуелниот шампион на Македонија, Ѓорче Петров, во последните две години сериозно вложува во сениорскиот тим, но и во младинските категории, и освен на домашна сцена сака да стане сериозен фактор и во европски рамки, односно да стигне што подалеку во европските натпреварувања.
Во составот предводен од Симе Симовски има неколку искусни ракометарки, кои на млади години започнале да настапуваат во суперлигашката конкуренција и да се натпреваруваат во Европа. Една од нив е левото крило Анастасија Николовска, која е меѓу највозрасните во тимот на „лавиците“ и ракометарка која потекнува од школата на Кастратовиќ.
Николовска ја игра третата сезона во македонскиот шампион, клуб во кој стигна од редовите на Чаир. Со Ѓорче Петров двапати се радуваше на шампионската титула во единственото сениорско натпреварување во Македонија, лани стигна и до осминафинале во Европскиот Куп, но и на двапати не успеа да го освои Куп трофејот.
Искусното лево крило во разговор за 24Ракомет ги сподели своите очекувања за новата сезона, истакнувајќи дека Ѓорче Петров атакува на двојна круна, како и на добар пласман во европски рамки.
,,Целта на мојата екипа во оваа сезона е секако да се обрани титулата и да се освои Куп трофејот. Среќна сум што сум во ваков тим од девојки, кои се желни за напредок и напорна работа. Како што знаеме сите, две години по ред имавме кикс во Купот на Македонија, тој кикс не чинеше многу, но годинава целта ни е дупла круна. Во екипата владее одлична атмосфера, има голема дружба, но и почитување една со друга. Мислам дека тоа е една спојка на битни фактори за успех. Сепак, ние како екипа не ги потценуваме останатите ривали во домашниот шампионат, на секој натпревар влегуваме мотивирано за да го одработиме нашето, по што резултатот сам си доаѓа. Секоја година си носи своја тежина и искуство, како за македонската лига, така и за Европа. Уште од својата 18-19 годишна возраст имам учествувано во европските натпреварување, поточно во ЕХФ Купот и во тогашниот Челинџ Куп, кој беше одлично натпреварување за млади ракометарки, па гледам како повозрасна да го пренесам искуството на помалите и да укажам на некоја грешка, секако, без разлика на годините, сите си помагаме со совети и најдобро е да ти каже некој што погледал од ,,страна”, изјави Николовска.
Иако во женскиот шампионат во Македонија нема многу кандидати за првото место, сепак, тимот на Ѓорче Петров мора да одработува максимум на секој дуел. Оваа сезона како конкуренти на Ѓорче Петров за првата позиција се неколку тимови – Чаир, Металург Автокоманда, вицепрвакот Куманово, но и незгодниот Вардар. Моментално, тимот на Ѓорче Петров има пет од пет во домашниот шампионат.
,,Ние се придржуваме секој тренинг до системот што ни го пренесува тренерот и вежбаме на тоа да се усоврши. Пред некои натпревари од домашното првенство правиме анализа на противникот, го анализираме, ги гледаме слабите и јаките страни и се пробува нешто ново со што ќе се изненади ривалот. Знаеме дека шампионатот во Македонија не е на толку завидно ниво, конкуренција за првото место гледаме во три екипи, кои исто така се трудат да вложат повеќе и да остварат подобри резултати. Мое мислење е дека треба повеќе да се вложува во женскиот ракомет во иднина за да имаме поквалитетен ракомет, поголем напредок и подобри резултати во репрезентацијата”.
Според Николовска, учеството на нејзиниот клуб во Европа е добро и за македонскиот ракомет. Ѓорче Петров во рамки од третата рунда во третото по ранг европско клупско натпреварување за ривал го има тимот на Ојпен од Белгија. По сите параметри македонскиот тим треба да ја има фаворитската улога, но таа треба да се докаже и на теренот. Избраничките на Симовски во второто коло го елиминираа црногорскиот Тиват.
,,Ова натпреварување во Европа има големо значење како за клубот, така и за македонскиот ракомет. Мислам дека треба да се подигне самодовербата на повисоко ниво и репер да ни бидат повисоки цели, освен македонското првенство. Нашата цел во оваа сезона од Европскиот Куп е да го повториме успехот од лани и да се надмине истиот, односно да се стигне што подалеку доколку се укаже шанса и прилика. Следен ривал во Европскиот Куп ни е Ојпен од Белгија, првиот натпревар го играме на гости на 12 ноември, недела дена подоцно се игра реваншот на домашен терен. Би сакала да ја искористам приликата да ја повикам публиката да дојде во што поголем број, посебно љубителите на женскиот ракомет, и со голема желба и мотивација да се радуваме на победа и на пласман во следната рунда”.
Ѓорче Петров отвори повеќе школи низ Соопје, а една од нив гравитира во населбата Драчево. Николовска е задоволежна за работењето во школата во Драчево и своето знаење и искуство им го пренесува на најмладите.
,,Тимот на Ѓорче Петров отвори и школа за млади и почетници на повеќе места низ Скопје, а една од тие школи е и во населбата Драчево. По желба на управата и тренерот, јас сум назначена за тренер на школата во Драчево. Бидејќи сум студент на ДИФ, ова за мене претставува ново и големо искуство на оваа позиција. Се уште е рано да мислам на тренерска позиција во поголемите ,,води”, но не би сакала да излезам од ракометот после кариерата, така што би можела да се пронајдам во оваа работа (се смее). Малите дечиња се позитивна и убава енергија што ја пренесуваат и на мене, многу е убаво чувството да се работи со нив, сепак, како и сите други, и тие си бараат внимание и голема посветеност. Бројката на секој тренинг варира, но секогаш има наd 12 млади дечиња кои навлегуваат во ракометната фантазија”.
Николовска низ својата ракометна кариера поминала низ различни тренерски филтри.
,,Јас своите ракометни почетоци ги направив во школата на Кастратовиќ каде што најпрво научив за спортскиот однос, дисциплината и тимската игра. Индира ни го пренесе своето знаење и темелите на ракометот. Кога зборуваме за индивидуалната работа и позиција лево крило, големи совети имам добиено од Љиљана Марковиќ, ми укажуваше на ситниците кои вредат многу, но во најдолг период имам поминато на теренот со тренерот Симе Симовски и голема благодарност до него за укажаната работа, упорност и доверба”.
25 годишната ракометарка во минатата сезона беше прогласена за најдобро лево крило во Женската лига, а освоената награда ја гледа како голема мотивација.
,,На секој спортист било какво признание и поддршка му значи многу и мило ми беше за тоа. Мотивација наоѓаме и во малите нешта и тоа не поттикнува да го даваме максимумот на теренот какко за себе, така и за екипата во која играме”, заврши Николовска.
Ѓорчепетровки следниот викенд ги очекува дерби дуелот со тимот на Куманово, кој исто така има пет од пет.