Николовска: Елче е опасен од секоја позиција, ќе се потрудиме да го дадеме најдоброто од себе

Ракометарките на Ѓорче Петров во недела против шпанскиот Елче ќе го одиграат првиот натпревар од четвртфиналето во Европскиот Куп.

Македонскиот шампион ќе се обиде да оствари поволен резултат со цел на реваншот, кој ќе се игра во Скопје, да има поголема психолошка предност.

Капитенот на Ѓорче Петров, Анастасија Николовска, вели дека шпанскиот тим е опасен од секоја позиција.

,,Одиме на тој натпревар за да го дадеме својот максимум и да покажеме добра игра, па резултатот ќе се види во текот на натпреварот, се надевам на поволен резултат. Нашиот ривал моментално е лидер во шпанскиот шампионат, опасен е од секоја позиција и нивната игра во одбрана има добар тек проследен со полуконтри и контри”, изјави Николовска.

Бидејќи Ѓорче Петров ретко игра во утрински термини, левото крило истакнува дека тоа можеби ќе биде мал проблем.

,,Во недела натпреварот го играме во 12:30 часот, тоа е термин, во кој не играме често и не ни оди во прилог. Притисокот е позитивен, бидејќи гостуваме кај една одлична екипа и одиме таму да се надигруваме, ќе се потрудиме секоја од нас да го даде најдоброто од себе”, вели Николовска.

Ѓорче Петров ја оствари зацртаната цел за оваа сезона на европска сцена и секој нареден успех ќе значи многу за клубот, но и за женскиот македонски ракомет во Европа.

,,Нашиот клуб си постави цел оваа година да влезе во четвртфиналето и тоа го остваривме, направивме чекор напред во однос на ланската сезона. Имавме многу квалитетни противници, тешки гостувања, но излеговме како победници. Сè што можеме понатаму да постигнеме е дополнителен успех и гордост за нас како клуб.

Натпреварот во недела е на програмата од 12:30 часот, додека реванш средбата е закажана за 17 март со почеток од 19:00 часот во спортската сала „Автокоманда“.

Победникот од овој четвртфинален двомеч ќе обезбеди пласман во полуфиналето во третото по ранг европско натпреварување.