Наков и Цонев го водеа Астраион до победа над Текстилец

Тимот на Астраион на свој терен триумфираше над Текстилец со 33:25 (16:13) во натпревар од последното коло од регуларниот дел во Првата лига.

Двете екипи на пролет ќе играат во прволигашкиот плеј-аут и ќе се борат натпреварувачката сезона 2023/24 да ја завршат со подобар пласман.

Струмичани речиси во текот на натпреварот водеа, имаа неколку играчи расположени за игра, на пауза заминаа со резултатска предност од 16:13 и рутински ги одработија вторите 30 минути.

Предводник во победничката екипа беше Васе Наков со осум погодоци, еден помалку имаше Александар Цонев.

Кај составот на Текстилец, кој во денешниот дуел настапи со само 11 ракометари, се истакна Филип Савев со седум погодоци.