Екипата на Младост Богданци со победа го заврши регуларниот дел од сезоната во прволигашката конкуренција откако триумфираше во Скопје кај Шампион со 40:21.
За Младост Богданци ова беше 12-ти триумф во тековната сезона и со освоената победа заврши како првопласирана екипа во групата Б со 26 бода. На моменти во првиот дел, домаќините добро се држеа, но гостите од Богданци на пауза заминаа со солидна предност од плус пет гола, 17:12.
Во вториот дел до израз дојде квалитетот меѓу двете екипи, па така поранешниот суперлигаш немаше многу проблеми. Најефикасен во победничката екипа беше Ѓорѓе Атанасов со седум погодоци, по пет имаа Уча Гамздарија и Душан Каркалашев. Во домашниот табор прво име беше Стефан Огненовски, кој зад своето име запиша девет погодоци.
Тимот на Текстилец иако беше пред пораз и губеше 35-33 на влезот на последната минута на гостувањето кај Скопје, сепак на крајот успеа да ремизира, откако два пати штипјани казнија домашни грешки.
Најпрво погоди Атанасовски, потоа и Џинес од пенал, а Скопје не успеа да го реализира последниот напад. Домаќините имаат за што да жалат бидејќи водеа во текот на мечот и со седум гола разлика, ама среќна околност е што овој меч нема да се „брои“ на табелата во плеј-офот.
Најдобри стрелци кај домашниот тим беа Симоновски со десет гола, како и Рангелов и Кочески со по осум, додека кај Текстилец, Атанасовски имаше 15 погодоци, а Џинес стрелаше прецизно десет пати.