Младинците со поволна ждрепка – добија балканска група на ЕП!

Денеска во седиштето на Европската ракометна федерација во Виена беше извршена ждрепката за младинското Европско првенство.

Македонските младинци со претходна ждрепка добија место во четвртиот шешир, а потоа беа извлечени во групата А.

Избраниците на Раде Стојановиќ ќе се соочат со селекциите на Црна Гора, Австрија и Хрватска. Првите два ривали ги победивме на минатото СП во Хрватска.

По одигрувањето на трите меча од групната фаза, 24 селекции се делат во три дела – главна рунда со осум репрезентации, разигрување за пласман на СП со осум репрезентации и разигрување за пласман и опстанок на ЕП со осум репрезентации.

Она што е сигурно е дека ќе се одиграат 96 натпревари на ЕП, а секоја репрезентација загарантирано ќе одигра по осум натпревари (три во групна фаза, три во главна рунда/разигрување за место на СП/разигрување за опстанок и плус два меча за пласман).

Само првопласираните шест селекции по групната фаза имаат загарантирано место во главната рунда, а дополнително уште две второпласирани ќе играат во главна рунда. ЕХФ треба да го потврди и начинот на кои ќе бидат одредени тие селекции и како ќе се формираат групите за разигрување за место на СП и оние за опстанок на ЕП.

Европското првенство за младинци ќе се игра во Целје, Словенија, од 10 до 21 јули претстојното лето.

ЕП младинци, Словенија:

група А: Македонија, Австрија, Хрватска, Црна Гора
група Б: Грција, Србија, Германија, Португалија
група Ц: Швајцарија, Франција, Шпанија, Фарски Острови
група Д: Романија, Чешка, Унгарија, Норвешка
група Е: Израел, Италија, Данска, Словенија
група Ф: Украина, Полска, Шведска, Исланд

ЕХФ шампионат, Косово:

група А: Бугарија, Финска, Косово
група Б: Белгија, Луксембург, Турција
група Ц: Естонија, Литванија, Грузија
група Д: Велика Британија, Летонија, Словачка