Металург РА го совлада Кичево и си обезбеди плеј-оф

Ракометарите на Металург РА на свој терен го совладаа Кичево со 39:30 во натпревар од 10. коло од прволигашката конкуренција.

Тимот од Автокоманда со новите три бода се зацврсти на 3. позиција во Б групата и веќе си обезбеди билет во плеј-офот, сега на свое конто има 18 бода, додека Кичево остана на седум.

Домашниот тим победата си ја завери во првото полувреме, на пауза замина со предност од 20:13, и рутински одигра во вторите 30 минути.

Најефикасен во победничкиот табор беше Филип Петровски со десет погодоци, шест реализации имаше Матеј Филиповски, по пет погодоци запишаа Леон Кочов, Коста Николовски и Стефан Крстески.

Кај Кичево прво име беше Стефан Стефаноски со десет погодоци, три помалку постигна Александар Велјановски.