Екипата на Есбјерг во третиот обид на Ф4 турнирите во Лигата на шампионите конечно успеа да дојде до бронзата, откако во натпреварот за трето место славеше над Мец со 37:33.
Есберг во претходните две сезони обезбедуваше пласман на Ф4 турнирот во Будимпешта, но во двата настапи завршуваше со празни раце, односно на 4. позиција.
Данскиот тим во најголемиот дел од првиот дел беше во предност, најчесто водеше со еден до два гола разлика, во еден момент дојде и до плус три (17:14), но составот на Мец заигра поангажирано во финишот од првите 30 минути, па така на пауза беше нерешено, 18:18.
Второто полувреме донесе голема возбудливост во „МВМ Доме Арена“, бидејќи двете екипи имаа свои моменти, од стартот на вториот дел, па до 40 минута, контролата ја имаше Мец, потоа Есбјерг се врати во игра и најави интересен финиш.
Во последниот период од натпреварот секој напад беше одлучувачки и значеше многу. По нерешените 27:27, избраничките на Јеспер Јенсен врзаа два гола во низа, се одлепија на 29:27 и до крајот не дозволија Мец да има шанси за евентуален камбек.
Победничката екипа беше предводена од Нора Мерк, која имаше 13 погодоци од 14 обиди. Во таборот на Мец прво име беше Алина Гријселс со десет погодоци.