Женската репрезентација на Македонија ги одработува дел од подготовките за Европското првенство, а во оваа ЕХФ недела акцентот ќе биде ставен на тренинзите и воигрувањето.
Тренинзите се одработуваат во Скопје, а селекторот Игор Марковиќ очекува добар пристап на сите натпревари и одлични подготовки за претстојните предизвици.
„Овој пат решивме да тренираме само во Скопје. Ќе работиме напорно за да постигнеме одлична форма. Сите девојки се здрави, засега немаме никакви повреди, па се надевам дека така и ќе остане. Ќе одработиме десетина тренинзи, на кои задачата ќе биде добро да се воиграме. Сето тоа што ќе го сработиме тука, ќе го искористиме на турнирот во Турција, а потоа и на Европското првенство“, изјави Марковиќ.
Македонските репрезентативки во претстојниот период ги очекува меѓународен турнир во Турција, кој ќе биде главниот дел од подготовките за Европското првенство.
Tаму од 27 до 29 ноември, ќе играат и домаќинот Турција, Финска и Италија, а Македонија на ЕП ќе игра во група со Романија, Норвешка и Швајцарија.






















