Репрезентативката на Македонија, Јована Кипријановска, заедно со тимот на Ле Самбр Авенуа го освоија првото место во Првата лига во Франција и за следната сезона си обезбедија учество во француската елита.
Тимот на Кипријановска иако го имаше осигурано првото место уште од поодамна, сепак, во последно коло одигра според планираното и победнички го заврши настапот во прволигашката конкуренција.
Ле Самбр Авенуа за последен ривал го имаше тимот на Сент Метропол и успеа да триумфира со 11 гола разлика, 31:20. Екс ракометарката на Куманово во дадената минутажа на теренот успеа да погоди двапати во мрежата на домаќинките.
Ле Самбр Авенуа и Кипријановска во следната сезона ќе имаат соочувања со најдобрите француски клубови – Мец, Брест Бретањ, Нант, Париз, Ница, Дижон, Шамбери, Безансон…
Екипите на Мец и Брест Бретањ се редовни учесници во Лигата на шампионите, па така Кипријановска и нејзините колешки ќе имаат дополнителна мотивација против овие два клубови.