Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер ќе се пријави за вајлд-карта за новата сезона во Лигата на шампионите. Од битолскиот клуб потврдија дека ќе аплицираат за место во елитното натпреварување, но ќе имаат голема конкуренција за една од седумте покани.
Полека се наѕира костурот на Лигата на шампионите за следната сезона и познати се половина од учесниците што ќе играат во најелитното европско клупско натпреварување.
Директно место во ЛШ имаат Барселона, Спортинг Лисабон, Магдебург, Фуксе Берлин, како и Висла Плоцк, ПСЖ, Алборг, Веспрем и Колстад.
Според рејтингот, македонскиот шампион нема директно место во Лигата на шампионите, па Еурофарм Пелистер може само преку вајлд-карта да се најде меѓу 16 екипи што ќе бидат дел од сезоната 2024/25. Шансите не се големи, но не се ниту мали, иако конкуренцијата е силна. Би било одлично ако на теренот во Битола и во следната сезона гледаме елитен ракомет.
Белорусија се уште е исклучена од европските натпреварувања, па местото на Мешков Брест оди во вајлд-карти и ЕХФ ќе има за доделување седум специјални покани. Ако се оди според досегашната пракса вајлд-карти ќе добијат вицешампионите на Полска (Келце), Франција (Нант), Унгарија (ПИК Сегед)…па ќе останат уште четири.
Откако лани не добија покана, оваа сезона силниот романски првак Динамо Букурешт скоро сигурно ќе игра во елитатата, а тука е хрватскиот шампион Загреб, кој исто така има силно лоби и ќе добие вајлд-карта.
Тешко е за верување дека вицепрваците на Данска и Норвешка, Фредериција и Елверум, би добиле место во елитата, но во конкуренција на македонскиот првак Еурофарм Пелистер ќе бидат шведскиот Савехоф, потоа словенечкиот првак Горење Велење, чиј спонзор е спонзор и на ЕХФ, па доколку се пријават за вајлд-карта, најверојатно и ќе ја добијат.
Стигна потврда од швајцарскиот Кадетен дека исто така ќе се пријават за вајлд-карта, а веројатно истото ќе го стори и португалскиот вицепрвак Порто и тука некаде завршува списокот на екипите што се конкуренти на македонскиот тим за место во елитната конкуренција.
Од Војводина најавија дека се надеваат на место во групната фаза од Лигата на Европа, а таков ќе биде случајот и со шпанската Бидасоа, шампионот на Грција (АЕК или Олимпијакос)… Но за дефинитивниот список ќе треба да се почека официјална потврда од ЕХФ.
Извршниот Комитет на ЕХФ на 19 јуни ќе реши кои тимови ќе добијат вајлд-карта, истите ќе бидат објавени на 21 јуни, а ждрепката за новата сезона ќе се одржи на 27 јуни.