Македонија се комплетира на 25 декември, се бара уште еден спаринг партнер

Машката репрезентација на Македонија ќе се комплетира на 25 декември во Стара Пазова, кога ќе пристигне капитенот Никола Митревски.

Тој има клупски обврски со португалскиот шампион Порто, а пред него на 23 декември доаѓа Филип Талески, кој исто така има уште еден меч со неговата Бенфика.

Ракометарите утре заминуваат за Србија, таму ќе бидат до 30 декември, кога ќе се вратат во Македонија.

Ќе добијат два слободни дена на 31 декември и 1 јануари, а повторно им се враќаат на обврските на 2 јануари.

На 29 декември е договорена средба со Црна Гора во Стара Пазова, а селекторот Кире Лазаров посакува уште еден натпревар на 27 декември, но за овој датум се уште се бара ривал.

Во Скопје ќе се одиграат и две средби со Грција. Првата е на 4 јануари од 17:00 часот во СЦ „Борис Трајковски“ од 17:00 часот и ќе биде отворена за јавноста, додека вториот дуел на 5 јануари ќе биде од затворен карактер.

Последниот тренинг е планиран за 7 јануари вечерта, а на 8 јануари националниот тим ќе отпатува за Диселдорф.

Првата средба се игра на 10 јануари против Франција на „Меркур Шпил“ стадионот, додека на 14 и 16 јануари се двобоите со Германија и Швајцарија во „Мерцедес Бенц Арена“ во Берлин.