Младинската машка репрезентација на Македонија го доживеа првиот пораз на Европското првенство, откако загуби од селекцијата на Франција со 25-18. Во одреден дел од првото полувреме, Македонија диктираше резултат и имаше контрола, но низа наши грешки ја однесоа Франција на плус два на паузата. Во вториот дел ривалот се одлепи на плус шест, и иако нашите момци се бореа до крај, сепак немаше време за нешто повеќе на овој натпревар.
По двата гола на Французите за 2-0, од кои еден од пенал, Македонија направи комплетен пресврт. Брествоац фати две топки, ги казнивме сите грешки на ривалот и нашите младинци поведоа со 4-2, па францускиот селектор мораше веднаш да бара тајм-аут.
Два наши напади завршија без гол, па Пејре и Баран израмнија на 4-4. Брестовац уште еднаш покажа дека Македонија има најдобар пар голмани на ЕП, откако му фати пенал на Тигуар, па нашите ракометари одново поведоа со плус два, 6-4.
Имавме четири напади да зголемиме на плус три, но не успеавме и казната стигна преку Карамоко, а истиот играч подоцна израмни на 6-6 по дваесетина минути игра. Потоа се играше гол за гол до 10-10.
Македонскиот напад малку подзастана во финишот на полувремето, а иако и Французите грешеа, сепак по исклучувањето на Карасманакис и со погодоците на Симоне и Зузо отидоа со плус два на паузата, 12-10.
Kaрасманакис го отвори вториот дел со погодок, потоа имавме и контра за реми, но голманот Суије одбрани, па казната веднаш стигна, а беше и 16-12 за Франција, па Стојановиќ мораше да реагира со тајм-аут.
Галевски го замени Брестовац, Митев внесе свежина во нападот и намаливме од негативата, потоа следуваа неколку грешки и Франција почна да го крши македонскиот отпор, но не се откажуваа нашите момци.
Ја преполовија негативата на три гола и беше 20-17. Французите погодија со играч помалку кога имаше да се игра уште седум минути до крајот, промашивме ние уште два пати и немаше време за нешто повеќе на овој натпревар.
Калајџиески, Митев, Белистојаноски и Стојановски имаа по три гола во француската мрежа, а голманите Брестовац и Галевски собраа седум одбрани. Кај противникот се истакна Карамоко со четири гола, а голманската двојка имаше десет интервенции.
Младинците сега ги чека разигрување за пласман од 9 до 12 место, а ривалот ќе биде познат вечерва кога ќе бидат комплетирани натпреварите во групата Ј. По мечот утре, следи уште еден в недела за конечен пласман на ЕП.