Машката кадетска репрезентација на Македонија загуби по третпат на Европското првенство во Србија, откако селекцијата на Шведска славеше во пресметката со 33-29. Македонските кадети играа одлично во повеќе секвенци на мечот, но тоа не беше доволно да се победи европскиот шампион. Во вториот дел Шведска ни даде повеќе прилики комплетно да го свртиме мечот, но не беа искористени и беше јасно дека казната ќе стигне.
Македонија отвори лошо, па Шведска набрзина стигна до 3-0. Полека се стабилизираше играта на избраниците на Горан Кузманоски, кои по петнаесетина минути се вратија на негатива од минус еден, 6-5.
При еден македонски напад, еден од шведските ракометари стартуваше остро над Бобан Поповски, старт кој според сите што беа во салата беше за директен црвен картон, сепак ривалот мина само со две минутна казна.
Шведска полека ја градеше предноста, отиде на плус пет, 12-7, Кузманоски бараше тајм-аут, но не смени ништо и на пет минути пред паузата, скандинавците предводени од голманот Бригестранд отидоа на 18-12.
Но тогаш Николовски одбрани во два наврати, одбраната на нашите момци беше подобра и до паузата, негативата се стопи. Погодуваа Поповски, потоа Дамчевски од далечина, а Јовиќ беше прецизен за 18-16.
Вториот дел почна во слично темпо, Шведска повторно имаше плус четири, но Дамчевски биеше прецизно во серија и неизвесноста се врати одново на терен, беше 25-24. Георгиев промаши пенал за реми, потоа уште еднаш во контранапад..
Имавме уште една прилика за реми, но ниту Симоновски од крило не го погодиш шведскиот гол, па казната стигна на спротивната страна и на десетина минути до крајот ривалот имаше плус два, 27-25.
Бригестранд блескаше на шведскиот гол, одбрани зицери во серија и веќе немаше назад за Македонија. На пет минути до крајот скандинавскиот состав водеше со 30-25 и беше јасно дека ќе ги освои бодовите на овој меч. Дамчевски и Костов погодија по осум пати во мрежата на ривалот, а солидни беа и голманите Трсунов и Николовски.
Утре е слободен ден на првенство, а потоа Македонија во понеделник и во вторник ќе ги одигра двете средби против Турција и најверојатно Италија од разигрувањето за пласман од 13 до 24 и битката за СП 2027.
























